Sümeyye Dilara Dinçer,Atila Altuntaş
24 Декември 2021•Ажурирај: 27 Декември 2021
АНКАРА (АА) – СУМЕЈЕ ДИЛАРА ДИНЧЕР/АТИЛА АЛТУНТАШ -
Данска се подготвува да испрати осуденици од земји кои не се членки на Европската Унија (ЕУ) во затворските ќелии што ги зема под наем во Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Данска, која е ниско рангирана во светот според стапката на криминал, постигна договор со Косово за изнајмување на 300 ќелии за сума од 210 милиони евра со цел да се намали пренатрупаноста во затворите.
Според договорот, осудените затвореници во Данска се планира да бидат испратени во затворот во градот Гњилане, на околу 50 километри од главниот град Приштина, од 2023 година.
Се наведува дека меѓу затворениците кои ќе бидат испратени на Косово нема да има такви што се осудени за терористички злосторства или оние кои имаат смртни болести.
Затворениците, откако ќе ја завршат затворската казна, најпрвин ќе бидат испратени во Данска, а потоа ќе бидат депортирани.
За да стапи во сила договорот постигнат меѓу Данска и Косово, тој мора да биде изгласан во Собранието на Косово и ратификуван од две третини од вкупно 120 пратеници.
Според договорот, предвидено е со изнајмените 300 ќелии да се управува според данскиот закон и во ќелиите да има чувари од двете земји.
– Бројот на затвореници во Данска е зголемен за 19 отсто од 2015 година -
Бројот на затвореници во Данска се зголеми за 19 отсто, од 3.400 на 4.200 од 2015 година, а забележливо е тоа што бројот на чувари се намали од 2.500 на 2.000.
Се наведува дека намалувањето на бројот на чувари предизвикува да се зголемат проблемите со управувањето во затворите во Данска.
Според националната статистика, постојните затвори во Данска достигнаа 100 отсто исполнетост на капацитетите.
- Договорот предизвика бурни реакции -
И покрај најавата од Данска дека затворениците испратени во Косово ќе бидат третирани како во Данска, ова прашање предизвика бурни реакции.
Советот за одбрана на човековите права и слободи (CDHRF), со седиште во Косово, го критикуваше договорот и наведе дека тоа е „легализација на дискриминацијата“ на затворениците.
Советот соопшти дека префрлањето на затворениците во друга земја може да ги отежни посетите на семејството и да ги прекрши правата на затворениците.
Организацијата, исто така, нагласи дека пополнетоста на затворите во Косово е 50 отсто.
- Косово добива 210 милиони евра -
Според договорот, косовското Министерство за правда ќе добие 210 милиони евра од данското Министерство за правда.
Косовската министерка за правда, Албулена Хаџиу, нагласи дека со 210 милиони евра ќе се финансираат обновливите извори на енергија во земјата, а со овие пари ќе се инвестира во инфраструктурата.
Официјални лица на Косово велат дека осудените што треба да бидат префрлени во Косово нема да претставуваат висок ризик, а мнозинството ќе бидат „државјани на трета земја“ кои не се од Данска, кои извршиле кривични дела како кражба, шверц, фалсификување и убиства.
- Не е прво изнајмување затворски ќелии во Европа -
Во Европа склучени се и договори меѓу други земји за изнајмување затворски ќелии.
Белгија, која страдаше од пренатрупаност во нејзините затвори во 2009 година, склучи договор да земе под наем 500 затворски ќелии од нејзиниот сосед Холандија.
Тогаш белгиската такса за изнајмување ќелии од Холандија беше одредена на 30 милиони евра, а затворениците кои не претставуваа безбедносен ризик, беа испратени во затворот во Тилбург, Холандија.
Во Белгија затворениците можеа да примаат посетители трипати неделно, во Холандија можеа да бидат посетувани само еднаш неделно. Освен тоа, од затворениците префрлени во Тилбург се барало да зборуваат холандски.
- И Норвешка испрати затвореници во Холандија -
Друга земја која зеде под наем ќелии од Холандија беше Норвешка во 2014 година.
Норвешкото Министерство за правда направи обид да земе под наем 242 ќелии од Холандија на една година, поради зголемениот број осудени криминалци кои чекаа ред за влез во затвор, како и поради реновирањето на затворите во земјата.
Соопштено е дека затворот во кој ќе престојуваат затворениците ќе го води Норвешка, а персоналот ќе биде од Холандија. Од Норвешка во Холандија беа префрлени дваесет и пет затвореници. Договорот беше раскинат во 2018 година, откако норвешкиот Омбудсман ја критикуваше регулативата како кршење на обврските за човекови права на Владата во Осло.