Ayhan Şimşek
02 Мај 2023•Ажурирај: 03 Мај 2023
БЕРЛИН (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денес ги повика владите од светот да го одржат ветувањето и да делуваат против климатските промени, известува Анадолу.
„Меѓународната комисија за климатски промени ни зборува дека пречекорувањето од 15 степени, дури и привремено, би можело да биде катастрофално“, рече Гутереш во своето видеоконференциско обраќање на состанокот во Петерсберг за климатските промени.
Гутереш предупреди дека температурата ќе се зголеми за 2,8 степени до крајот на веков доколку земјите ја задржат својата сегашна политика.
Тој повика на поблиска соработка со цел да се стави крај на зависноста од фосилните горива и подвлече дека индустријализираните земји треба да ги исполнат своите ветувања и да им дадат финансиска поддршка на помалку развиените земји за да инвестираат во чиста енергија.
„Климатската криза бара чесност. Проблемите можеме да ги решиме само доколку ги именуваме и гледаме право во очи. Вистина е дека што се однесува до климата, знаеме што правиме, кога и зошто, но предолго гледавме на друга страна“, рече Гутереш.
Германија е домаќин на дводневна конференција за климата, на која се собраа претставници од околу 40 земји, за да разговараат околу конкретните чекори за надминување на климатската криза.
Конференцијата има за цел подготовка на теренот за успешни преговори на Конференцијата COP28 за климатските промени што ќе се одржи во Соединетите Арапски Емирати (ОАЕ), закажана за подоцна оваа година.