Dejan Maksimoviç
29 Април 2016•Ажурирај: 30 Април 2016
ЖЕНЕВА (АА) - На својот пат од античка Олимпија до Рио де Жанеиро, каде што оваа година ќе се одржат Летните олимписки игри, олимпискиот оган ќе помине долг пат на кој ќе има многу „станици” со цел промовирање на олимписките вредности. Една од нив е седиштето на Обединетите нации во Женева, кое беше посетено денеска од олимпискиот оган јавува Anadolu Agency (AA).
Олимпискиот оган којшто пристигна во Палатата на нациите, свечено го дочека Бан Ки-мун, генералниот секретар на Обединетите нации.
"Овој оган е светилник на солидарност со сите народи во светот", рече Бан Ки-мун и ја поздравија одлуката на Меѓународниот олимписки комитет кој овозможи настап на тимот на бегалците во Рио под олимписко знаме.
"За прв пат спортистите кои беа принудени да ги напуштат своите домови, ќе имаат можност да се борат за олимпиското злато. Нивните пријатели бегалци ќе имаат можност да ги видат своите претставници кои ќе им дадат надеж на сите. И светот ќе ги види бегалците на начин на кој тие заслужуваат да бидат видени: како талентирани, силни и инспиративни луѓе. Без оглед дали ќе победат или ќе изгубат тие се шампиони на духот. Ќе навиваме за нив со сета сила".
Олимпискиот оган на игрите во Рио е запален на 21-ви април во античка Олимпија во Грција од каде што тргна на својот пат до домаќинот на Олимписките игри. Во вторник треба да пристигне во бразилскиот град Бразилија, каде што ќе го продолжи националниот пат со должина од околу 20.000 километри на копно и 16.000 во воздух. Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро ќе се одржат од 5-ти до 21-ви август годинава.