Servet Günerigök
25 Септември 2024•Ажурирај: 27 Септември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш во средата во своето обраќање на министерскиот состанок на земјите од Г20 ја истакна потребата од инклузивни меѓународни институции за справување со денешните предизвици, известува Анадолу.
„Потребни ни се силни, инклузивни, легитимни глобални институции и алатки за да се справиме со предизвиците на денешнината и утрешнината. Праведно и репрезентативно управување е првиот чекор кон отклучување на пошироки реформи“, рече Гутереш на состанокот одржан во седиштето на ОН на маргините на актуелно Генерално собрание.
Шефот на ОН повика на силен ангажман на земјите од Г-20 за да може Советот за безбедност да биде „вистински репрезентативен“, мислејќи на недоволната застапеност на Африка, Азија и Пацификот, Латинска Америка и Карибите. Тој повика и на зајакнување на улогата на Генералното собрание и Комисијата за градење мир, како и зајакнување на Економско-социјалниот совет.
„Истиот принцип важи и за меѓународната финансиска архитектура: таа треба да одговара на денешната глобална економија, со многу посилна застапеност на земјите во развој“, рече тој.
Гутереш, исто така, рече дека ОН од следната година имаат намера да бидат домаќини на двогодишни самити со цел да се формализира дијалогот меѓу системот на ОН, Г20 и меѓународните финансиски институции.
Тој истакна дека Г-20, системот на ОН и институциите на Бретон Вудс (ММФ и Светска банка) се занимаваат со некои од „најважните предизвици“ на сегашното време, како што се нееднаквоста, финансирање на развојот, климатската криза и влијанието на новите технологии.
„Во сите овие области, напредокот излегува вон дофатот, бидејќи нашиот свет станува понеодржлив, понееднаков и понепредвидлив. Конфликтите беснеат, климатската криза се забрзува, нееднаквостите растат, а новите технологии имаат невиден потенцијал за добро - и за лошо, “ рече шефот на ОН-а.
Тој додаде дека глобалните институции мора да работат заедно, „не на паралелни или спротивставени патеки“.