Muhammed Emin Canik,Lokman İlhan
26 Јануари 2019•Ажурирај: 27 Јануари 2019
КАРАКАС (AA) - Лидерот на опозицијата и претседател на Националниот парламент на Венецуела, Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател на оваа земја, тајно се состана со високите функционери на Владата на Венецуела, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменик-министерот за комуникации, култура и туризам на Венецуела, Хорхе Родригез, на конференцијата за новинарите во Каракас прикажа видеоснимки на кои се гледа средбата на Гуаидо со Диосдадо Кабело, заменик-претседателот на владеачката Обединета социјалистичка партија на Венецуела (PSUV).
Родригез најпрвин ја прикажа и видеоснимката од претходно интервју на Гуаидо, во кое му е поставено прашањето дали се состанал со Кабело, на што тој одговори: „Тој човек го познаваме сите. Еден пријател за него ми рече дека тој знае да лаже и кога ја говори вистината.“
Потоа ја пушти снимката од 22 јануари оваа година, на која се гледа средбата на Гуаидо и Кабело во еден хотел во Каракас. На снимките на безбедносните камери од хотелот може да се види Гуаидо во јакна со капа и наочари. Заедно со него е и генералниот секретар на Парламентот, Роберто Мареро.
Родригез, исто така рече дека Гуаидо во текот на состанокот со Кабело рекол дека не сака да биде претседател на земјата, туку само со Мадуро повторно да оди на избори. Нагласи дека Гуаидо под притисок на САД се прогласил за претседател.
Хуан Гуаидо претходно негираше дека се состанал со претставниците на Владата на Венецуела.
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, на денот кога претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, положи свечена заклетва и го започна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а челникот на опозицијата и на Парламентот, Хуан Гуаидо, се прогласи за привремен претседател
Мадуро тврди дека станува збор за обид за државен удар поддржан од САД, кои отворено застанаа на страна на опозицијата и Гуаидо.
Освен САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај. Од друга страна, Турција, Иран, Боливија, Мексико и уште неколку земји ја поддржуваат легитимната власт на Мадуро.