Evren Aydemir
23 Април 2018•Ажурирај: 24 Април 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека бараат начини да им помогнат на бегалците во земјите каде што се наоѓаат или да ги доведат во Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел во Берлин се состана со Филипо Гранди, високиот комесар на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР). Германската канцеларка пред приемот изјави дека ќе разговара со Гранди за ситуацијата во Германија и за миграциите кон таа земја.
Таа додаде дека целта е да се спречи илегалната миграција и да се најдат легални начини за бегалците.
„Договорот со Турција го постигнавме за да им помогнеме на бегалците во земјите во кои тие се наоѓаат или да им овозможиме нивно доаѓање во Германија по легален пат“, рече Меркел.
Таа истакна дека Германија во голема мера им помага на бегалците во Сирија, Либија, Чад и други земји. Додаде дека во истовреме настојуваат да ги отстранат проблемите кои се причина за миграциите, и дека пред нив претстои голема работа која бара значителна сума на пари.
Гранди рече дека кризите во светот се сè поголеми и дека миграциите насекаде се сè почести. Тој додаде дека Германија во голема мера му помага на УНХЦР, не само во однос на материјалните средства, туку и од политичка гледна точка.
„Во ОН подготвуваме глобален договор за бегалците. Се надеваме дека ќе биде готов до крајот на годината“, рече Гранди.
Тој додаде дека благодарение на заедничките напори на Обединетите нации (ОН), Африканската Унија и Европската Унија (ЕУ), им помагаат на илјадници бегалци сместени во камповите во Либија и дека многу бегалци се испратени во европските земји.
Гранди сите земји ги повика на интензивна соработка.