Ayşe Doğru
23 Април 2018•Ажурирај: 24 Април 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Јужна Кореја го прекинаа утринава испраќањето пропагандни пораки преку разгласот инсталиран на границата со Северна Кореја, а се со цел смирување на односите во пресрет на историскиот самит на лидерите на двете Кореи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин и лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун ќе се состанат на 27 април во Палатата на мирот, на јужнокорејската страна од демилитаризираната зона Панмунџом.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја нареди прекинување на преносот на пропагандни пораки на линијата на разграничување.
Новинската агенција „Јонхап“ објави дека целта е да се релаксираат односите и да се создадат подобри услови за одржување на состанокот на двајцата корејски лидери, кои се одржуваат по 11 години.
Официјален Сеул се надева дека северната страна ќе одговори со истата мерка и дека властите од Пјонгјанг, исто така, ќе наредат прекинување на пропагандните пораки.
На почетокот на 2016 година, властите на Северна Кореја го спроведоа четвртото нуклеарно тестирање, а јужнокорејските власти поставија разглас долж границата и оттогаш емитуваат пропагандни пораки и пуштаат корејски поп-хитови.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун планира да се состане со американскиот претседател Доналд Трамп до крајот на месец мај, а неговата последна порака за откажување од програмата за развој на нуклеарното оружје е добар сигнал за крајот на повеќегодишната криза на Корејскиот Полуостров.