Mehmet Solmaz
09 Август 2024•Ажурирај: 12 Август 2024
БИРМИНГЕМ (АА) - Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, рече дека не се чувствува безбедно како политичар муслиман и дека бил испровоциран од нередите на крајно десничарските групи низ Велика Британија последниве недели, јавува Анадолу.
Кан изрази вознемиреност поради насилните протести по убиството на три девојчиња на 29 јули во Саутпорт, споредувајќи ги со расните тензии со кои се соочил додека растел во 70-тите и 80-тите години.
„Јас сум човек што растел во 70-тите и 80-тите години и ги има искусено Националниот фронт и БНП и мислев дека тоа е зад нас.“
„Како и многу луѓе од мојата генерација, се чувствував испровоциран од настаните во последниве неколку недели“, рече тој во интервју за Гардијан.
Размислувајќи за настаните од изминатите 10 дена, лондонскиот градоначалник направи корелација помеѓу она на што бил сведок додека растел и актуелните случувања.
„Она што ми го крши срцето е што генерацијата на моите деца никогаш не го доживеала она што јас го доживеав“, рече тој. „И тие првпат се исплашија. Мислев дека јас ќе бидам последната генерација што ќе се исплаши, само поради тоа кој сум. И тоа ми го крши срцето.“
Коментирајќи за антифашистичките демонстранти што ги исполнија улиците на Лондон во средата навечер, Кан рече дека контрапротестите се „извор на гордост“.
Многу муслимани сè уште се плашат да излезат од дома носејќи шамии или одејќи во џамиите, рече тој.
„Луѓето двапати размислуваат да одат во џамија, утре е петочната молитва... дали ги носите вашите деца со вас?“, рече тој. „Да го прашате вашиот шеф дали може да работите од дома затоа што сте загрижени да користите јавен превоз?“
- Регулативите за интернетот не се соодветни -
Градоначалникот Кан рече дека често бил цел на омраза преку интернет, вклучително и на смртни закани и лажно аудио, а голем дел од нив се поттикнати во последниве месеци од неговата политика за чист воздух.
Градоначалникот на Лондон изјави дека дезинформациите што се шират за наводниот извршител на убиствата на трите млади девојки во танцовиот клуб во Саутпорт покажуваат дека се потребни реформи на регулативата.
„Начинот на кој функционираат алгоритмите, начинот на кој дезинформациите може да се шират многу брзо и самите дезинформации… тоа е причина за загриженост, видовме директна последица од ова“, порача тој.
„Мислам дека тоа што треба да го направи Владата е многу брзо да провери дали Законот за онлајн безбедност е погоден за целта. Мислам дека не е.“
Тој предупреди дека и политичарите се ранливи на дезинформации и виновни за ширење лажни информации.
„Фрлате масло на огнот што доведе до некои работи што ги видовме низ целата земја изминатата недела“, рече тој, без директно посочување.
„Сметам дека е навредливо еден мејнстрим политичар да се обиде да ги искористи ужасот и трагедијата на трите убиени девојчиња... за да промовира став што го има за општеството и тоа е она што се случи.“