Enes Canlı
11 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
ТУНИС (АА) - Од Министерството за одбрана на оваа земја е потврдено дека поради насилните демонстрации што се одржуваат во Тунис, биле мобилизирани повеќе од 2.000 војници, јавува Anadolu Agency (AA).
Насилните демонстрации се одржуваат поради порастот на цените, данокот и невработеноста, а портпаролот на Министерството, Билхасан Веслати, за АА изјави дека војската е ангажирана за чување на критичните објекти на државните институции.
Тој истакна дека на 143 места низ земјата биле распоредени повеќе од 2.000 војници. Веслати изјави и дека војниците соработуваат со другите безбедносни единици и патроли, како и дека има такви што се во состојба на подготвеност, доколку се укаже потреба за нивно ангажирање и во останатите безбедносни сектори.
Анонимен безбедносен извор наведува дека демонстрантите вчера запалиле еден центар на безбедносните сили во Касрин, во близина на алжирската граница.
Денес е четврти ден од протестите во Тунис, што започнаа поради зголемување на цените на почетокот на годината. Протестите, на кои учествуваат илјадници лица, се одвиваат на повеќе од 100 локации во земјата.
Демонстрациите започнуваат во вечерните часови, а во текот на вчерашниот ден дојде и до интервенција на припадниците на безбедносните сили.
За време на демонстрациите дојде до насилство односно до грабежи, затворање на патиштата, палење и причинување штета на приватни и јавни објекти. Безбедносните сили реагираа со користење солзавец.