Ekipa
11 Јануари 2018•Ажурирај: 12 Јануари 2018
ИСТОЧНА ГУТА / АНКАРА (АА) - МУХАМЕД МИСТО / АДХАМ КАКО -
Ебу Касим, кој останал без работа поради здравствените проблеми предизвикани од неухранетост, како резултат на недостатокот на храна во Источна Гута, предградие на Дамаск, се обидува да ги прехрани своите две деца продавајќи работи што ги собира во отпад.
Околу 400 илјади цивили во Источна Гута, која е под блокада на Асадовиот режим, се борат со гладта и болестите предизвикани од блокадата.
Се продлабочува хуманитарната криза во овој регион, а семејствата минуваат низ исклучително тешки денови.
Ебу Касим се обидува да ги прехрани своите деца продавајќи работи кои ги наоѓа во отпад, додека во голема мера губи од телесната тежина поради неухранетоста, и се соочува со сериозни здравствени проблеми.

Финансиската состојба на Ебу Касим, кој претходно работел како плочкар, е влошена бидејќи неговата здравствена состојба е пречка за да најде работа.
Четириесет и двегодишниот Ебу Касим очекува да му се пружи помош на неговото семејство.
„Секој ден со моите деца јадеме по половина оброк. Оброкот го обезбедувам продавајќи пластика што ја наоѓам. Моите две деца заспиваат гладни и се будат гладни. Продадовме сѐ што имавме дома. Мојата здравствена состојба секој ден се влошува. Веќе не можам да кренам ниту кофа со вода од бунарот што го имаме дома“, истакна Ебу Касим во разговор за Anadolu Agency (AA).
Тој рече дека цела Источна Гута минува низ исклучително тешки денови и додаде дека веќе не може да најде ниту пластика во отпадите.

Малата ќерка на Ебу Касим, Рана, е тажна поради ситуацијата на нејзиниот татко, и постојано му дава поддршка.
„Имав намера да се самоубијам поради тоа што го доживувам, но се предомислив. Се молам да бидам од оние кои имаат трпение“, нагласи Ебу Касим.
- Една чаша млеко чини илјада сириски лири (околу 1,6 евра) -
Според информациите до кои дојде АА, во подрачјето на Источна Гута една чаша млеко се продава за илјада сириски лири (околу 1,6 евра).
Еден килограм ориз се продава за 3600 сириски лири (околу 5,8 евра), додека еден килограм шеќер за 2600 сириски лири (околу 4,2 евра).
Иако Источна Гута беше прогласена за зона без судири со договорот во Астана, режимот, чија земја-гарант е Русија, веќе девет месеци ја интензивира блокадата врз овој регион. Илјадници болни чекаат да бидат евакуирани од овој регион каде што хуманитарната криза се продлабочува, од нив над 600 имаат потреба од итна евакуација. Повеќето од болните се деца или се заболени од карцином. Голем број деца и бебиња во Источна Гута починаа поради недостатокот на храна и лекови.