Islam Uddin
18 Април 2023•Ажурирај: 20 Април 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Најмалку две лица загинаа и неколку се повредени откако големо свлечиште затрупа возила во северозападен Пакистан, јавува Анадолу.
Според официјални лица, околу 20 камиони натоварени со контејнери и стока биле затрупани во свлечиште во близина на Торкам, клучен граничен премин меѓу Пакистан и Авганистан.
Во тек се операции за пребарување, а најмалку осум лица се спасени, изјави за Анадолу, Билал Ахмед Фаизи, портпарол на службата „Спасување 1122“.
„Тоа е огромно свлечиште и околу 20 или повеќе камиони и контејнери се затрупани. Не знаеме колку луѓе има во камионите“, рече тој.
Тој рече дека се потврдени две жртви „но бројот на загинати може дополнително да се зголеми“.
Фаизи рече дека патот е затворен за сообраќај и стотици возила се заглавени од двете страни на границата.
Според вестите на локалните медиуми, огромен дел од планината паднал откако била погодена од гром при силен дожд и грмежи во областа.