Burcu Arik
03 Мај 2018•Ажурирај: 04 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Глобалните воени трошоци во 2017 година се зголемија на 1,7 милијарди, што е највисок износ од крајот на Студената војна, пренесува Anadolu Agency (AA).
Стокхолмскиот Меѓународен институт за мировни истражувања (SIPRI), објави дека глобалните воени трошоци во споредба со оние во 2016 година се зголемени за 1,1 отсто, износ кој соодветствува на 2,2 отсто од бруто-домашниот производ во светот.
„Петте земји кои реализирале најголеми трошоци на ова поле во 2017 година биле САД, Кина, Саудиска Арабија, Русија и Индија - кои заедно претставуваат 60 отсто од глобалните воени трошоци“, истакнува СИПРИ.
„Воените трошоци на Кина се зголемија повторно во 2017 година, следејќи нагорен тренд во трошењето во период од над две децении. Воените трошоци на Русија намалени се за првпат од 1998 година, додека трошоците на САД останаа константни веќе две последователни години“, се вели во Извештајот.
Институтот соопшти дека вкупните воени трошоци од страна на сите земји-членки на НАТО, вклучувајќи ја и Турција, изнесувале 900 милијарди долари во 2017 година, што претставува 52 проценти од глобалните трошоци.
„Продолжувањето на трендот на високи воени трошоци на светско ниво е причина за сериозна загриженост“, истакнува во Извештајот Јан Елиасон, претседателот на Управниот одбор на СИПРИ, во однос на спроведеното истражување.
„Тоа го поткопува изнаоѓањето мирни решенија за конфликтите низ светот“, вели Елиасон.
Според истражувачот на СИПРИ, Нан Тиан, цитиран во Извештајот, порастот во воените трошоци на светско ниво во последните години во голема мера „се должи на значителниот пораст на трошоците од страна на земји во Азија, Океанија и на Блискиот Исток, како што се Кина, Индија и Саудиска Арабија“.
„На глобално ниво, износот на воените трошоци јасно се менува и се оддалечува од евроатлантскиот регион“, рече Тиан.