Cüneyt Karadağ
03 Мај 2021•Ажурирај: 04 Мај 2021
БЕРЛИН
Германскиот филозоф Јурген Хабермас одби да ја прими книжевната награда на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) поради загриженоста за човековите права во земјите на Заливот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првобитно Хабермас ја прифати книжевната награда „Шеик Зајед“, една од најпрестижните и најдобро финансирани награди на арапскиот свет, но по реакциите на германските медиуми вчера ја промени таа одлука.
„Најавив дека ќе ја прифатам овогодишната награда Шеик Зајед. Тоа беше погрешна одлука што со ова ја исправувам. Не бев доволно запознат за многу тесната поврзаност на институцијата што ја доделува оваа награда во Абу Даби со постоечкиот тамошен политички систем“, наведе Хабермас во изјава за порталот „Spiegel Online“.
Хабермас беше лауреат на наградата за „Културна личност на годината“ за 2021 година. Станува збор за награда вредна 225.000 евра што требаше да ја прими на 23 мај.
По неговата одлука за одбивање, од ОАЕ денес реагираа со соопштение во кое изразуваат жалење, но и дека го почитуваат ставот на германскиот филозоф.
„Наградата ги отелотворува вредностите на толеранција, знаење и креативност, додека истовремено гради мостови меѓу културите и ќе продолжи да ја исполнува таа мисија“, се наведува во соопштението од Абу Даби.