Enes Kaplan
20 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, остро ги критикуваше провокациите и нападите на некогашниот османлиски гувернер Фахредин паша и на Турците, кои на Твитер (Twitter) ги објави министерот за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед ал-Нахјан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Секоја пофалба и восхит за храброста и отпорот што Фахредин паша ги покажа за време на две години и седум месеци во одбраната на Медина. Во делириум и без нималку срам, овие бедници се толку кадарни да кажат дека Ердоган го украл светото наследство на предците и го донел во Истанбул. Тоа не е кражба, туку одбрана и зачувување на тој аманет од оние што доаѓаат таму со цел инвазија и окупација“, рече Ердоган во претседателската палата во своето обраќање на средбата со претставниците на локалните власти во Турција.
Истакнувајќи дека некои клеветници од регионот близу Медина без срам го дигнале гласот кон Турција, Ердоган порача дека тоа е доказ оти тие не ја знаат сопствената историја, ниту го запознале турскиот народ и претседателот Ердоган.
„Ние многу добро знаеме со кој, каде и што прават оние кои го дигнаа гласот против така голема личност, чија одбрана на Медина е достојна за восхит. Ќе откриеме сѐ кога ќе дојде вистинското време и место за тоа“, порача Ердоган.
Турскиот претседател исто така изјави дека е јасна и позадината на таквите напади кон Турција од некои кругови на естаблишментот на арапските земји и дека станува збор за нивен обид да ги прикријат сопствената неспособност, алчноста и предавството.
Осврнувајќи се и на новоусвоената национална безбедносна стратегија на САД, Ердоган изјави дека таа може најкратко да се опише како слоганот сѐ за Америка.
„Секако дека сите земји имаат право да ги креираат сопствените безбедносни стратегии. Така и ние го имаме тоа право и нашата стратегија можеме накратко да ја опишеме како слоганот една нација, едно знаме, една татковина и една држава“, вели Ердоган.