Cüneyt Karadağ
18 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
БЕРЛИН (АА) - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека нападот врз баптистичката болница „Ал-Ахли“ во Газа треба темелно да се истражи, јавува Анадолу.
Шолц, кој се наоѓа во Египет на средба со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, сподели објава на социјалните мрежи во врска со нападот во болницата во Газа:
„Од суштинско значење е сеопфатна истрага за инцидентот.“
Канцеларот исто така нагласи дека е згрозен од снимката од експлозијата во болницата во Газа и рече:
„Невини цивили се ранети и убиени. Нашите мисли се со семејствата на оние кои ги загубија животите.“
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Германија се наведува и дека „во никој случај не треба да се напаѓаат цивилни цели, особено болница полна со пациенти и медицински персонал“.
„Цивилите мора да бидат заштитени во конфликтите“, нагласија од Министерството.
„Над 500 лица се убиени во израелски воздушен напад врз баптистичката болница во Газа во вторникот“, изјави портпаролот на палестинското Министерство за здравство, Ашраф ал Кудра, за Анадолу.
На снимките од местото на настанот се гледаат голем број трупови во кругот на болницата.
Воздушниот напад се случи 11 дена по почетокот на израелскиот конфликт со палестинската група Хамас, додека сѐ поголем број меѓународни невладини организации и светски лидери велат дека кампањата на Израел за бомбардирање на опколениот Појас Газа, при што се бомбардирани здравствени установи, домови и местата за богослужба, го прекршува меѓународното право и може да претставува чин на воено злосторство.