Ayhan Şimşek
08 Декември 2022•Ажурирај: 09 Декември 2022
БЕРЛИН (АА) – Групата од екстремни десничари и поранешни воени офицери кои подготвуваа државен удар во Германија набавиле оружје и имале конкретни планови, изјави шефот на германската разузнавачка служба Томас Халденванг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Оваа група има голема мрежа низ целата земја, тие имале прецизни планови и биле подготвени да употребат насилство, дури и ако е потребно убивање луѓе“, изјави синоќа Халденванг за германскиот јавен телевизиски сервис ЗДФ.
Тој истакна дека групата била под лупа на безбедносните агенции во изминатите неколку месеци, и дека надлежните одлучиле да започнат антитерористичка операција кога станало јасно дека групата има конкретни планови за соборување на власта на насилен начин.
Германската полиција вчера уапси над дваесет лица во една од најголемите антитерористички операции во историјата на земјата и изврши претреси на 150 адреси во 11 сојузни покраини.
Според обвинителите, екстремно десничарската терористичка група имала планови да предизвика хаос во целата држава и да упадне во германскиот Парламент со насилни методи и воени средства со цел да го собори демократскиот, уставен систем во Германија.
Поголемиот дел од осомничените биле следбеници на екстремно десничарското движење „Граѓани на рајхот“ (Рајхсбургер) кои го отфрлаат легитимитетот на Сојузна Република Германија и кои сметаат дека со земјата управуваат членови на таканаречената „длабока држава“.