Ahmet Dursun
08 Декември 2022•Ажурирај: 09 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Иран денеска погуби затвореник осуден за кривично дело наводно извршено за време на тековните протести низ земјата, прва смртна казна спроведена во врска со протестите во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Егзекутиран е Мухсин Шикари, кој според новинската агенција „Мизан“, поврзана со иранското правосудство, се заканувал на граѓаните со ладно оружје и повредил чувар за време на протестите на улицата „Сетар Кан“.
Шикари беше осуден на смртна казна на 20 ноември, а егзекуцијата беше извршена утрово.
Во Иран во последниве месеци има големи протести по смртта на 22-годишната Махса Амини, приведена од иранската полиција за морал.
Илјадници луѓе се приведени, според групите за човекови права, додека над 200 луѓе ги загубија животите во протестите, како што минатата недела потврди и иранското Министерство за внатрешни работи.