Hacer Başer
08 Декември 2022•Ажурирај: 08 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудиски и кинески компании потпишаа 34 договори за инвестиции во различни сектори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на Саудиската државна новинска агенција СПА, договорите постигнати во рамки на посетата на кинескиот претседател Си Ѓинпинг на Саудиска Арабија, биле потпишани на состанокот на кој учествувале саудискиот министер за инвестиции, Халид бин Абдулазиз ел Фалих и претставниците на државните институции задолжени за овие сектори.
Се истакнува дека меѓу двете страни се потпишани договори во различни области, пред сѐ во зелената енергија, зелениот водород, фотоволтаичната соларна енергија, информатичката технологија, клауд услугите, транспортот, логистиката, медицинските индустрии, градежништвото.
Саудискиот министер за инвестиции, Фалих, имаше свое обраќање на настанот на кој рече дека Саудиска Арабија сака да ги развие односите со Кина во сите области, вклучувајќи ја и областа на економијата и инвестициите.
Тој нагласи дека неговата земја во рамки на визијата за 2030 година нуди инвестициски можности без преседан во различни области, како обновлива енергија, индустрија, комуникација, ИТ, биотехнологија, туризам и градежништво.
Инаку, Си Ѓинпинг реализира посета на Саудиска Арабија во периодот од 7 до 9 декември, во чии рамки учествува на два самита на кои учествуваа Кина, арапските земји, како и земјите од Заливот.