Dejan Maksimoviç
09 Февруари 2016•Ажурирај: 10 Февруари 2016
БЕРЛИН (АА) - Во тешка несреќа на возови која се случи утринава во јужна Германија, загинаа најмалку осум лица а околу 150 се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Несреќата се случила околу седум часот изутрина кај гратчето Бад Аиблинг во Баварија. Полицијата потврди дека четири лица загинале, но предупреди дека бројот на загинати може да биде и поголем. Страхувањата станаа реални, па последната официјална информација соопштена од сојузната полиција вели дека досега има најмалку осум жртви во несреќата, меѓу кои и еден машиновозач.
Соопштено е дека околу 150 лица се повредени од кои 40 се со потешки повреди, а 15 од нив се во исклучително тешка состојба.
До директен судир на два воза дошло кога еден од нив излетал од шините. При сударот неколку вагони се превртеле.
Службите на итната медицинска помош и спасување се на местото на настанот, но според зборовите на портпаролот на полицијата во областа Росенхеим ситуацијата е комплицирина. Всушност, несреќата се случила на пругата каде што од едната страна било речното корито, а од другата страна шумски појас, што значително им ја отежнува работата на спасувачките тимови.
На ливадата близу несреќата се наоѓаат осум хеликоптери и голем број возила на итната медицинска помош.
Поради железничката несреќа дојде до застој на сообраќајот. Пругата помеѓу Холзиркен и Росенхеим е блокирана, па во овој правец е воведена вонредна автобуска линија.