Ayhan Şimşek
19 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
БЕРЛИН (АА) - Германија и Франција изразија загриженост поради зголемениот број прекршувања на примирјето и јавувањата за повеќекратни инциденти со гранатирање во источна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Загрижени сме дека инсценирани инциденти би можеле да бидат земени како изговор за можна воена ескалација“, рекоа германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и нејзиниот француски колега Жан-Ив ле Дријан во заедничката изјава доцна синоќа.
Двајцата министри денес ќе присуствуваат на Минхенската безбедносна конференција, а треба да се сретнат и со нивните колеги од земјите членки на групата Г7 за да разговараат за големото воено распоредување на Русија во близина на Украина.
Тензиите драматично се зголемија последните денови. Украинската Влада ги обвини сепаратистите поддржани од Русија за масовни прекршувања на примирјето и провокации, за да ја принудат Украина да одговори воено.
Сепаратистите во Доњецк и Луганск вчера наредија масовна евакуација на цивилите во Русија, тврдејќи дека Украина подготвува воена офанзива кон источните региони, познати како регион Донбас.
Министрите за надворешни работи на Германија и Франција изразија сомнеж за овие тврдења и ја повикаа Русија да преземе чекори за деескалација на ситуацијата и кон дипломатско решение на конфликтот.
„Не гледаме основа за овие наводи и ја повикуваме Русија да го искористи своето влијание врз самопрогласените републики за воздржаност и да придонесе за деескалација“, рекоа министрите.
„Ние и понатаму сме сериозно загрижени за зголеменото распоредување на Вооружените сили на Русија во и околу Украина и ја повикуваме Русија да придонесе за деескалација со повлекување на воените сили од границите на Украина.“
Американскиот претседател Џо Бајден вчера предупреди дека Русија е на работ да ја нападне Украина во рок од неколку дена и ја обвини Москва дека создава изговор за нејзините планови за инвазија.
Говорејќи на конференцијата за безбедност во Минхен, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Русија распоредува дополнителни трупи до украинската граница и покрај руските најави за делумно повлекување на своите воени сили.
Москва континуирано негира каков било план за напад на Украина и ги обвини западните земји за поткопување на безбедноста на Русија со проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија упати и листа на безбедносни барања до Западот, меѓу кои враќање на распоредените војници од некои поранешни советски републики и гаранции дека Украина и Грузија нема да се приклучат на НАТО.