Ekipa
16 Февруари 2021•Ажурирај: 16 Февруари 2021
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, предложи да се зголемат финансирањата на воениот сојуз наменети за активности за одвраќање и одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО, Јенс Столтенберг ги соопшти своите предлози за стратегијата на НАТО за 2030 година.
„Трошењето повеќе, заедно, ќе ја покаже силата и посветеноста на членот 5, нашето ветување дека ќе се браниме едни со други. Исто така, тоа ќе придонесе за поправична поделба на товарот“, го објасни Столтенберг својот предлог за зголемување на финансирањето на НАТО.
Дополнителните финансии ќе ги поддржат распоредувањата во борбените групи во источните земји на НАТО, како и воздушното патролирање и поморските мисии и вежби.
„Ние, исто така, треба да преземеме поглобален пристап за да се справиме со глобалните предизвици, бидејќи Кина и Русија се во првите редови на авторитарното враќање против поредокот заснован на правила“, истакна Столтенберг.
Генералниот секретар предложи воениот сојуз да се насочи и кон предизвиците од климатските промени и да ја подобри отпорноста на земјите членки кон современите предизвици, почнувајќи од киберзаканите до пандемиите.
Министрите за одбрана на НАТО ќе одржат видеоконференција утре и задутре.
Министрите ќе започнат со подготовките за самитот на лидерите на НАТО, што ќе се организира кон крајот на оваа година, на кој ќе се разговара за стратегијата на воениот сојуз за претстојната деценија.
Прашан за повлекувањето на трупите на НАТО од Авганистан, Столтенберг одговори: „Нема да заминеме пред да дојде вистинското време за тоа.“
„Не треба да завршиме во ситуација Авганистан да стане безбедно засолниште за меѓународните терористи, што беше и причината зошто отидовме таму“, додаде тој.
НАТО ги поддржува силите за национална безбедност на Авганистан од 2003 година.
Моменталната неборбена мисија е насочена кон обука, советување и пружање помош на авганистанските безбедносни сили и на институциите.