свет

Втор обид за враќање на араканските муслимани во Мјанмар

Во соопштението на УНХЦР се истакнува дека од страна на Бангладеш имињата на повеќе од 22.000 бегалци се испратени до Мјанмар и дека Владата на Мјанмар во првата фаза одобрила враќање на 3.500 бегалци

Emel Öz Gözellik  | 16.08.2019 - Обновена : 18.08.2019
Втор обид за враќање на араканските муслимани во Мјанмар

БАНГКОК (АА) - Мјанмар и Бангладеш го започнаа вториот обид за доброволно враќање во Мјанмар на илјадници аракански муслимани, кои се наоѓаат во камповите во Бангладеш, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) се истакнува дека од страна на Бангладеш имињата на повеќе од 22.000 бегалци се испратени до Мјанмар и дека Владата на Мјанмар во првата фаза одобрила враќање на 3.500 бегалци.

Абул Калам, комесар за помош и враќање на бегалците во Бангладеш, во изјавата дадена во Дака, главниот град на Бангладеш, истакна дека од Мјанмар е потврден идентитетот на 3.500 бегалци и дека араканските муслимани, чии имиња се одобрени од Владата на Мјанмар, ако сакаат би можеле да се вратат во Мјанмар.

- 900.000 Араканци две години живеат во бегалските кампови во Бангладеш

Во извештајот на Австралискиот институт за стратешка политика (АСПИ) со седиште во Австралија, подготвен врз основа на најновите сателитски снимки направени меѓу декември 2018 и јуни 2019 година, беше истакнато дека подготовките на Владата на Мјанмар за враќање на бегалците не се доволни.

Минатиот ноември, плановите за враќање на околу 2.000 аракански муслимани во Мјанмар беа одложени затоа што тие не сакаа да се вратат во Мјанмар без заштита на ОН.

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека 900.000 аракански муслимани скоро две години живеат во бегалските кампови во Бангладеш. УНИЦЕФ, исто така, ја повика администрацијата во Мјанмар да ги обезбеди потребните услови за враќање на бегалците во земјата што е можно поскоро.

- Етничко чистење на араканските мусулимани

Во 2012 година, во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници луѓе, од кои повеќето муслимани, беа масакрирани, и беа запалени стотици куќи и деловни простории.

Мјанмарската Војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.

Податоците на Обединетите нации покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, над 745 илјади лица побегнале во Бангладеш. Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права докажаа дека се уништени неколку стотици села.

Бангладеш се откажа од спроведување на договорот што го постигна со Мјанмар, за враќање на араканските бегалци што се наоѓаат во Бангладеш, во нивните земји.

Мјанмарската Влада на сериозен начин им го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во Мјанмар.

Обединетите нации и меѓународните организации за заштита на човековите права го окарактеризираа како етничко чистење или геноцид насилството врз муслиманите од Аракан.

Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без притоа да се обезбеди безбедна средина, ќе доведе до ново етничко чистење.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.