Onur Usta
21 Јули 2016•Ажурирај: 22 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - Онур Уста - По терористичкиот напад во Ница, во кој загинаа 84 лица, францускиот Парламент ја продолжи вонредната состојба во земјата на уште шест месеци, а во борбата против тероризмот и во воспоставувањето безбедност во земјата помагаат и припадниците на безбедносните сили, јавува Anadolu Agency (AA).
И без судски налог ќе можат да се пребаруваат автомобилите, куќите, деловните простории и личните торби... Оние што ќе ги одбијат овие претреси ќе добијат затворска казна во траење од три месеци и 3.750 евра парична казна.
Одлуката на гувернерот ќе овозможи да бидат прегледани и мобилните телефони и компјутерите на сите сомнителни лица.
Според мерките за претпазливост, оние што се наоѓаат во домашен притвор, но и затворениците во ќелиите, 24 часа ќе бидат следени со камери. Овие мерки се преземаат за да не си сторат нешто лошо на себеси или да не побегнат од затворот или од куќата во која се во притвор.
Околу 10.000 припадници на безбедносните сили кои беа вклучени во акцијата „Стражар“ (Sentinelle) ќе бидат распоредени во Париз, но и во другите туристички места надвор од него. Со цел за намалување на опасноста од тероризмот, ќе биде зголемена и контролата на Парламентот. Ќе биде формирана комисија што ќе работи на контролата, но и на спроведување на одлуката за вонредната состојба.
Премиерот Мануел Валс на социјалната мрежа Твитер напиша дека по нападот во ноември минатата година, во кој загинаа 130 лица, направен е претрес на 77 лица во домашен притвор, на 3.594 куќи и деловни објекти.
Според неговите зборови, во борбата против тероризмот отворени се 600 судски случаи, а запленети се 756 парчиња оружје, меѓу кои и 75 тешки вооружувања.
Исто така, по терористичкиот напад во Ница повеќе од 200 граѓани со еврејско потекло емигрираа во Израел.
Според весникот „Ле Фигаро“, Франција ја напуштаат во страв од нови напади.
Во околината на француската престолнина, од безбедносни причини откажани се некои фестивали.
Од гувернерството соопштија дека меѓу откажаните настани е и киното на отворено, кое секоја прва недела од месецот се одржува на булеварот „Шанжелизе“, кој тогаш се затвора за сообраќај. Исто така, откажани се и улични турнири во кошарка.
Од ноември минатата година, кога на сила стапи првата вонредна состојба, ова е четврто продолжување на вонредната состојба, а ќе трае до јануари 2017 година.
Покрај францускиот Парламент, одлуката за прогласување вонредна состојба синоќа ја усвои и Сенатот.
Во терористичкиот напад во Ница, град на јужниот дел од Франција овој месец, загинаа најмалку 84 лица, меѓу кои и деца, а полесно се повредени 308 лица.