Muhammed Emin Canik
04 Јули 2019•Ажурирај: 05 Јули 2019
ТЕГУСИГАЛПА
Во централноамериканската држава Хондурас потона рибарски брод, при што животот го загубија 26 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објавија медиумите во Хондурас, на 75 километри од ’ртот Грацијас а Диос, потонал бродот „Capitan Waly“, на кој се наоѓале 73 лица. Во оваа бродска несреќа животот го загубиле 26 лица.
Портпаролот на воените сили, Хозе Доминго Меза, информираше дека од 73 лица колку што се наоѓале на бродот, спасени се 47-мина, а меѓу 26-темина загинати имало рибари и нуркачи риболовци.
Меза соопшти дека спасените лица се префрлени на брод на поморските сили на Хондурас, дека рибарскиот брод носел 70 тони товар и дека тоа е втора несреќа во текот на денот.
Меза потсети дека поради сезоната на лов на јастози (Nephropidae), која започна на 1 јули, голем број рибари со своите бродови се упатиле во лов, додавајќи дека во раните утрински часови потонал рибарскиот брод „Miss Francelia“, и дека екипите успеале да спасат повеќе од 40 лица.
Поморските сили на Хондурас започнаа истрага во врска со потонувањето на бродовите.