Merve Berker
25 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Турција доцна синоќа упати критики за преместувањето на Амбасадата на Хондурас од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Несоодветна е одлуката Хондурас да ја премести својата амбасада од Тел Авив во Кудс (Ерусалим). Отворањето на Амбасадата се случи денеска (24 јуни). Ние ја осудуваме оваа одлука“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.
„Со овој чекор Хондурас го прекрши меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации за статусот на Кудс (Ерусалим), нанесувајќи штета на визијата за дводржавно решение и на изгледите за мир во регионот“, се додава во него.
Турција, исто така, го повика Хондурас да го повлече овој погрешен чекор.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет и претседателот на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез, ја отворија Амбасадата на Хондурас во Кудс вчера.
Преку соопштение, Кабинетот на израелскиот премиер објави дека Бенет го примил Хернандез во резиденцијата на премиерот во Западен Ерусалим.
Двајцата лидери одржале тет-а-тет средба, а потоа и работна сесија на која зедоа учество и други претставници на Хондурас, како и израелскиот министер за надворешни работи, Јаир Лапид.
Двете земји потпишаа и меморандуми за разбирање за соработка во земјоделството, менаџирањето со водните ресурси, здравството и образованието, како и за споделување на научни иновации.