Nur Asena Ertürk
13 Април 2023•Ажурирај: 14 Април 2023
АНКАРА (АА) - Француските работници и синдикатите денес се подготвуваат за нов сет национални протести против пензиските реформи на Владата, јавува Анадолу.
Ова е 12. круг протести од јануари.
Владата и претседателот Емануел Макрон немаат слух да ги повлечат пензиските реформи, а Уставниот совет ќе го испита предлог-законот утре.
Националната железничка компанија (SNCF) и Париската регионална транспортна компанија (RATP) рекоа дека нивното сообраќање ќе биде нарушено, а излезноста на протестите се чини дека малку се намали поради велигденскиот распуст и семејствата кои патуваат, јавуваат медиумите.
Синдикатот на Генералната конфедерација на трудот (CGT), кој ги претставува париските комунални работници, започна нов штрајк, како и постројките за согорување, што може уште еднаш да предизвика сериозни нарушувања на функционирањето на главниот град, како што беше случајот во текот на март, поради трупањето ѓубре на улиците со недели.
Група демонстранти ја блокираа улицата што води до Уставниот совет утрово, поставувајќи барикади од контејнери и канти за ѓубре, пишува весникот „Фигаро“.
Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин ги забрани протестите во близина на Советот од вечерва, забрана што ќе трае до утревечер, објави весникот.
Протести започнаа и во други градови, меѓу кои и во Тулуз.
Француските власти денес очекуваат до 600.000 демонстранти, од кои 70.000 во Париз, пишува весникот.
Вкупно 11.500 полицајци ќе бидат распоредени во земјата за да интервенираат при евентуални инциденти, од кои 4.200 во Париз, соопштило Министерството за внатрешни работи, јави „Фигаро“.
Владата го претстави проектот за реформите во јануари, а Парламентот почна да расправа за него следниот месец.
Работниците и синдикатите го изразија својот голем револт преку одржување протести против реформата, која вклучува зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години до 2030 година, и најмалку 43 години работен стаж за целосна пензија.
Политичките и социјалните тензии пораснаа на 16 март кога претседателот Емануел Макрон и премиерката Елизабет Борн решија да ги искористат специјалните уставни овластувања за да го реализираат планот без одобрение од Парламентот.
Кога протестите станаа насилни по таа одлука, полицијата беше обвинета за самоволни апсења и за непропорционална употреба на сила.