Dilara Hamit
09 Септември 2019•Ажурирај: 10 Септември 2019
ДАКАР (АА) - Најмалку 29 лица се убиени, а десетмина се ранети во трикратен терористички напад кој се случи во африканската држава Буркина Фасо, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Владата и министер за комуникации на Буркина Фасо, соопшти дека првиот напад се случил во местото Дабло Келбо, а дека цел на нападот бил хуманитарен конвој. Загинале најмалку 14 цивили.
Кратко по тоа, терористички напад се случи и во покраината Санматенга. Камионот нагазил на поставен минско-експлозивен уред, а во силната експлозија загинале најмалку 15, додека ранети се четворица цивили.
Паралелно со тоа, уште најмалку четири лица се ранети во терористички напад кој синоќа се случи во местото Бенх кај градот Јатенга.
Војската на Буркина Фасо започна антитерористички операции во регионите во кои синоќа се случија нападите.
Буркина Фасо е средиште на сѐ почести терористички напади, а во изминатите четири години терористите во таа африканска земја убија најмалку 500 лица.
Властите на Буркина Фасо веќе прогласија вонредна состојба во 7 од вкупно 13 административни покраини во земјата.