Abdel Razek Abdallah,Zeynep Tüfekçi
09 Март 2019•Ажурирај: 10 Март 2019
АЛЖИР (AA) - Во текот на протестите во Алжир, на кои демонстрантите бараа повлекување на кандидатурата на актуелниот алжирски претседател Абделазиз Бутефлика, повредени се 112 полицајци, а уапсени се 195 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите се одржани вчера, првенствено во главниот, но и во другите алжирски градови.
Претседателските избори во Алжир ќе се одржат на 18 април, а кандидатура за изборите предадоа вкупно 15 кандидати. Оваа африканска земја влезе во своевидна политичка криза поради повторната кандидатура на актуелниот претседател Абделазиз Бутефлика кој е на чело на државата од 1999 година.
Опозицијата и илјадници демонстранти се противат на кандидатурата на 82-годишниот Бутефлика кој пред шест години претрпе тежок мозочен удар и кој ретко се појавува во јавноста.
Бутефлика е хоспитализиран во болница во швајцарската Женева, а неговата кандидатура ја предаде шефот на неговата кампања, Абдулгани Залан.
Фактот што Батефлика лично не го предаде барањето за кандидатурата предизвика додатни полемики во Алжир.
Залан изјави дека Батефлика е подготвен, во случај на победа на изборите, веќе наредната година да распише предвремени избори на кои не би бил кандидат.
Опозициските лидери сметаат дека Батефлика, поради здравствените проблеми веќе не е ниту физички способен да биде на чело на државата.
Батефлика кандидатурата може да ја повлече до објавувањето на конечната листа на претседателските кандидати кое е најавено за 13 март.