Tevfik Durul
17 Октомври 2019•Ажурирај: 18 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - ТЕВФИК ДУРУЛ –
Во светот 1,3 милијарди луѓе се сиромашни. Половина од сиромашните, што одговара на приближно 23 проценти од светската популација, се на возраст под 18 години, додека една третина од нив се на возраст под 10 години.
Според информациите на новинарот на Anadolu Agency (AA), кој како извор ги користи Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и Обединетите нации (ОН), во светот има 1,3 милијарди сиромашни, што одговара на 23 проценти од вкупното светско население. Се забележува дека половина од сиромашните во светот се на возраст под 18 години, а една третина од нив се на возраст под 10 години.
- Светски ден против сиромаштијата
Обединетите нации (ОН) во рамките на „17 Октомври - Светскиот ден за намалување на сиромаштијата“ со различни активности вложуваат напори за подигање на свеста на меѓународната заедница за разни прашања од темата.
Стапката на намалување на сиромаштијата во светот во последните години е забавена. Африканските земји, каде што има војни и кризи со глад, се наоѓаат на прво место во однос на сиромаштијата.
- Либерија е најсиромашната земја
Либерија се наоѓа на првото место меѓу најсиромашните земји, со годишен приход од 710 американски долари по глава на жител. Потоа следуваат Централноафриканската Република (730 УСД), Бурунди (770 УСД), Демократската Република Конго (870 УСД), Нигер (990 УСД), Малави (1.180 УСД), Мозамбик (1.200 УСД), Сиера Леоне (1.480 УСД), Мадагаскар (1.510 долари) и Коморски Острови (1.570 УСД).
- Нееднаквост во распределбата на приходите
Коефициентот Џини (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) според мерењата во 2012 година во Централноафриканската Република изнесува 42,1 процент, во Јужен Судан 46 проценти (мерења од 2010), во Бурунди 42,4 проценти (1998), Малави 46,1 проценти (2010), во Јемен 37,9 проценти (2009), Демократска Република Конго 42,1 проценти (2012), Мозамбик 45,6 проценти (2008) и во Мадагаскар 41 процент (2012).
Според извештајот на Светската банка со наслов „Намалување на глобалната сиромаштија“, објавен минатата година, се прават напори да се стави крај на сиромаштијата до 2030 година. Во 2015 година глобалната стапка на сиромаштија се намали од 11 на 10 проценти.
„Во светот повеќе од 820 милиони луѓе, односно еден од 9, се борат со гладта“, се посочува во извештајот.
Исто така, во извештајот се истакнува дека бројот на лицата што се недоволно нахранети во светски рамки е во пораст.