Ekipa
17 Јануари 2022•Ажурирај: 18 Јануари 2022
АБУ ДАБИ (АА) - Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) денес соопштија дека дронови се можна причина за двата пожари што се случија во главниот град Абу Даби, јавува Агенција Анадолија (АА).
Полицијата во Абу Даби соопшти дека едниот пожар избувнал откако три камиони цистерни експлодирале во областа Мусафаха во близина на складиштето за нафта АДНОК (ADNOC), а дека другиот пожар се случил на градилиште на Меѓународниот аеродром во Абу Даби.
„Според првичните резултати од истрагата, откриено е дека делови од мали летечки објекти, најверојатно беспилотни летала, паднале во две области, што може да биде причина за пожарот“, се вели во соопштението на полицијата објавено од државната новинска агенција ВАМ (WAM).
Во меѓувреме бунтовничкото движење на Хусите во Јемен тврди дека извршиле напад врз ОАЕ.
Портпаролот на бунтовниците, Јахја Сари, за каналот „Ал-Масира“ изјави дека наскоро ќе биде објавена „важна изјава за воена операција спроведена во ОАЕ“, без дополнителни детали.
Арапската коалиција предводена од Саудиска Арабија објави дека забележала „непријателска ескалација на движењето на Хуси користејќи дронови-замки што полетале од аеродромот Сана“.