Safiye Karabacak,Meryem Kasım
31 Август 2016•Ажурирај: 01 Септември 2016
САНА (АА) - Коалициските сили предводени од Саудиска Арабија извршија нови жестоки воздушни напади на позициите на бунтовничкото движење на Хусите и на силите лојални на соборениот јеменски претседател Али Абдулах Салих, јавува Anadolu Agency (AA).
Цели на нападот беа бунтовничките позиции во северниот дел на главниот град Сана, а очевидците јавуваат дека коалициските воздушни сили ги гаѓале целите во близина на меѓународниот аеродром во Сана и Воената академија во тој град, која речиси две години е под контрола на бунтовничките сили Хуси.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза којашто кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанската војна кога бунтовниците, предводени од шиитското движење на Хусите, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и други региони.
Претседателот на Јемен, Абд Рабух Мансур Хади и неговата влада побегнаа во Саудиска Арабија, а јужниот град Аден во моментот претставува административен центар на меѓународно признатата јеменска Влада.
Движењето на Хусите и партијата на соборениот претседател Салих кон крајот на месецот во Сана формираа врвен политички совет со задача да вршат државни работи.
Шефот на американската дипломатија, Џон Кери, минатата недела соопшти дека на состанокот во саудискиот град Џеди е утврдена нова мапа на пат за решавање на јеменската криза. Меѓу најважните одредници на тој план е формирањето на јеменската Влада на национално единство, во чиј состав ќе бидат претставниците на движењето Хуси, потоа повлекувањето на движењето од Сана и предавање на тешкото вооружување на некоја трета страна.