Во нови израелски напади врз Газа убиени најмалку 12 Палестинци, повеќемина повредени
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија уби повеќе од 58.400 Палестинци во смртоносната офанзива во Појасот Газа од октомври 2023 година

ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 12 Палестинци се убиени, а повеќемина се повредени денес во новите израелски напади во Појасот Газа, соопштија медицински извори, јавува Анадолу.
Пет лица ги загубија животите кога израелските борбени авиони погодија куќа во населбата Ал-Зарка, во североисточниот дел на градот Газа, соопшти медицински извор.
Уште еден Палестинец е убиен во друг напад врз населбата Зејтун во градот Газа.
Една Палестинка е убиена, а неколку лица се повредени во израелски напад врз шатор во кој беа сместени раселени лица во населбата Шеик Радван во истиот град.
Пет цивили се убиени, а неколку лица исчезнати откако борбени авиони погодија куќа во бегалскиот камп Шати, во западниот дел на градот Газа.
Дополнително, неколку цивили, вклучувајќи деца, се убиени и повредени во друг израелски напад врз шаторите во кои беа сместени раселени семејства во населбата Ал-Римал во градот Газа.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија уби повеќе од 58.400 Палестинци во смртоносната офанзива во Појасот Газа од октомври 2023 година.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради своите воени дејства во енклавата.