Сириските владини сили влегоа во јужната покраина Сувејда
Ахмед ал-Далати, шеф на внатрешната безбедност во Сувејда, воведе полициски час во губернијата, кој е на сила од утрово „до понатамошно известување“

СКОПЈЕ (АА) - Сириските владини сили денес почнаа да влегуваат во јужната покраина Сувејда, со цел да ги прекинат тековните судири и да ги намалат тензиите што траат веќе три дена, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Ахмед ал-Далати, шеф на внатрешната безбедност во Сувејда, воведе полициски час во губернијата, кој е на сила од утрово „до понатамошно известување“, јави сириската новинска агенција САНА.
„Полицискиот час има за цел да ја осигури јавната безбедност“, рече Ал-Далати.
Тој потврди дека силите на Министерството за внатрешни работи и одбрана почнале да влегуваат во центарот на градот Сувејда за да ги заштитат цивилите и да го вратат редот по насилните конфронтации.
Тој ги смета верските власти и водачите на фракциите за одговорни за одржување на националните и хуманитарните одговорности и побара нивна целосна соработка за осигурување на центарот на градот и обезбедување стабилност низ целата губернија.
По повикот на Владата, духовните лидери на заедницата Друзи во Сирија утрово ги повикаа сите вооружени фракции во покраината Сувејда целосно да соработуваат со владините безбедносни сили и да го предадат своето оружје.
Во својата изјава, духовните лидери на Друзите изразија поддршка за распоредувањето на безбедносните сили со цел враќање на контролата врз воените и безбедносните центри во Сувејда и стабилизирање на регионот.
Раководството ги повика сите вооружени групи „да не пружаат отпор“ на присуството на владините сили и повика на „отворен дијалог со Владата за решавање на последиците од последните настани“.
Паралелно, Одделот за медиуми и комуникации при Министерството за одбрана соопшти дека армиските сили продолжуваат да ги гонат нелегалните вооружени групи околу Сувејда.
Министерството ги советуваше жителите да останат во домовите и „да пријават какви било сомнителни движења на овие групи, предупредувајќи дека тие би можеле да ги користат цивилните населби како бази за операциите“.
Подоцна, Министерството за одбрана објави дека Армијата почнала да влегува во центарот на губернијата Сувејда во јужна Сирија со цел да ја врати контролата и гонење на одметниците.
Вчера, над 30 лица беа убиени, а речиси 100 повредени во судирите меѓу вооружените племенски бедуински борци и милициите на Друзите во Сувејда, јужна Сирија.
Башар ал-Асад, лидерот на Сирија речиси 25 години, избега во Русија во декември, со што заврши режимот на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Нова преодна администрација предводена од претседателот Ахмeд ал-Шара беше формирана во Сирија во јануари.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.