Mohamad Misto
20 Февруари 2018•Ажурирај: 21 Февруари 2018
ИСТОЧНА ГУТА/ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 167 цивили загинаа во нападите на силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, извршени во последните два дена на подрачјето на Источна Гута, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Асадовите сили и нивните поддржувачи, од вчера изутрина извршуваат копнени и воздушни напади во населбите во Источна Гута.
Според податоците на Цивилната заштита, вчера загинаа 88, а денес 79 цивили.
Поради постојаните напади, постои загриженост дека бројот на загинати во текот на денот би можел да се зголеми.
Во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, живеат околу 400.000 цивили. Ова подрачје со договорот во Астана е прогласено за зона без судири.
И покрај тоа, припадниците на режимот на Асад, чија земја-гарант е Русија, од април минатата година ја интензивираа опсадата, а во последните неколку месеци и нападите.
Хуманитарната криза во Источна Гута од ден на ден расте, а на илјадници цивили им е потребна евакуација.
Поголемиот дел од цивилите на кои им е потребна итна евакуација се деца и луѓе заболени од карцином чија болест е во поодминат стадиум.
Освен тоа, многу деца во Источна Гута починаа поради глад и немање можност за пристап до лекување.
Фархан Хак, заменик портпаролот на ОН, изјави дека се појавиле и заразни болести како туберкулоза и тифус, и дека поради недостатнок на вакцини се загрозени 600 деца на тоа подрачје.