Lokman İlhan
14 Јануари 2018•Ажурирај: 15 Јануари 2018
БОГОТА (AA) - Во акциите кои колумбиските сили ги извршија во последните 24 часа неутрализирани се 17 милитанти на Ослободителната национална армија (ЕЛН), соопшти канецеларијата на претседателот на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Колумбиската војска започна акции по нападите на припадниците на ЕЛН кои следеа откако на 9 јануари беше завршено примирјето.
Во акциите извршени во департманот Чоко убиени се седум милитанти, додека во Араука, каде што беа уапсени шест милитанти, четворица се предадоа.
Во соопштението се наведува дека претседателот на Колумбија, Хуан Мануел Сантос, ѝ честитал на војската за акцијата.
ЕЛН ги продолжува нападите што ги започна по прекинот на обостраното примирје.
Локалните медиуми објавија дека организацијата во Араука киднапирала работник на нафтена компанија која соработува со колумбиската влада и дека бил извршен и бомбашки напад врз полициска станица во таа област.
Не е познато дали има загинати во нападот.
Во Колумбија после 102 дена е прекинато обостраното примирје, а припадниците на ЕЛН изведоа напади во неколку региони во оваа земја. Во регионот Касанар, нивна цел беше гасоводот.
Колумбискиот претседател, Хуан Мануел Сантос, издаде наредба по овие напади до колумбиската делегација која води мировни преговори со ЕЛН во Еквадор, да се врати во Колумбија.
По укинувањето на примирјето, главниот преговарач и лидер на ЕЛН, Пабло Белтран, рече дека се надева оти мирот ќе продолжи. Тој исто така истакна дека неговата организација е подготвена да одговори на можните напади.
На 24 јули 2017 година, колумбиската влада и организација го започнаа третиот круг мировни преговори во Еквадор. Во текот на првите две рунди беше договорено во одредени региони да се започне со деминирање на теренот.
Во преговорите меѓу Владата на Колумбија и ЕЛН, која има околу 1.500 милитанти, земјите гаранти и набљудувачи беа Еквадор, Чиле, Куба, Венецуела, Норвешка и Бразил.
Во Колумбија, земја со 48 милиони жители, веќе половина век се водат судири во кои досега загинале најмалку 260.000 лица, а над шест милиони жители се раселени.