Lokman İlhan
05 Декември 2019•Ажурирај: 06 Декември 2019
БОГОТА (АА) - Во неколку градови во Колумбија се одржаа антивладини протести во рамките на третиот национален колумбиски штрајк против претседателот Иван Дуке, со надеж дека ќе придонесат за започнување дијалог, јавува Агенција Анадолија (AA).
Националниот колумбиски штрајк е организиран од голем број синдикати, студентски организации и невладини организации.
Најмасовните протести се забележани во главниот град Богота, како и во Букараманги, Кали, Меделин, Вилавиченсија, Манизалес, Переира, Туња и Картагена.
Во некои градови дојде и до судири меѓу полицијата и демонстрантите, во кои досега загинаа четири лица, а повредени се 749, меѓу кои 379 полицајци.
Неодамнешниот бран демонстрации во Колумбија започна со генерален штрајк на 21 ноември, кој на улиците изнесе околу 250.000 луѓе. Протестите продолжија и во наредните денови, но во многу помал обем. Властите проценуваат дека вчера на улиците во Богота имало околу 40.000 демонстранти.
Националниот штрајкувачки одбор на студентските и синдикалните организации го покани Дуке на директни разговори за нивните 13 барања. Дуке се согласи, но вели дека тоа треба да биде дел од поширок „национален разговор“ кој го води со различни сегменти на општеството. Комитетот не се согласи на таквиот предлог.