Adham Kako
14 Јануари 2018•Ажурирај: 15 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека 329 лица загинале, од кои 79 деца и 54 жени, во двомесечните напади во Источна Гута извршени од страна на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал-Асад и неговите поддржувачи во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
СНХР објави извештај во врска со воздушните и копнените напади на Русија и на Асадовиот режим извршени во периодот од 14 ноември 2017 година до 11 јануари 2018 година во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата и се наоѓа во источниот дел на сирискиот главен град Дамаск.
Во извештајот се наведува дека вкупно 329 цивили го загубиле својот живот, од кои се 79 деца, а 54 жени.
Според овој извештај, 297 цивили загинале во нападите на Асадовиот режим, додека 32 во нападите на руските сили.
Ако во одреден напад загинат најмалку пет лица, Сириската мрежа за човекови права (SNHR) тој напад го смета за масакр. Според тоа, сирискиот режим со поддршка на Русија во Источна Гута извршиле 20 масакри во период од два месеца, од кои 17 масакри се извршени од страна на режимот, а три од руските сили.
Се истакнува и дека силите на режимот бомбардирале 8 месџиди, 4 училишта, 6 здравствени центри и 13 пазари.
Од друга страна, тимовите на Цивилната одбрана претходно соопштија дека вкупно 1 337 лица загинале, од кои 12 се припадници на Цивилната одбрана, во нападите извршени во 2017 година Источна Гута.
Во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, 400 илјади цивили, од кои половина деца, веќе пет години се наоѓаат под блокада.
Иако Источна Гута беше прогласена за зона без судири со договорот во Астана, режимот, чија земја-гарант е Русија, веќе девет месеци ја интензивира блокадата на овој регион. Илјадници болни чекаат да бидат евакуирани од овој регион каде што хуманитарната криза се продлабочува, од нив над 600 имаат потреба од итна евакуација. Повеќето од болните се деца или се заболени од карцином. Голем број деца и бебиња во Источна Гута починаа поради недостаток на храна и лекови.