Aliia Raimbekova
03 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
АСТАНА (AA) - Откако претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбајев, минатата недела потпиша одлука со којашто оваа земја од кирилично писмо преминува на латиница, во оваа земја денеска за првпат во печат излегоа весници на латиница, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што јави казахстанската новинска агенција „Казинформ“, насловната страница на весникот „Аркалик хабери“ (Arkalik Habari), кој излегува во областа Кустанај, денеска за првпат е објавен со латинската алфабета.
Главниот уредник на весникот, Кајра Есмагамбетов, истакна дека денес е објавен пробен број на весникот, како и дека за првпат се користи латиница.
Тој додаде дека нетрпеливо се очекуваат реакциите на читателите и нагласи оти од технички аспект, за весникот не бил голем проблем да се премине од кирилица на латиница.
Како што рече, „Аркалик хабери“ е првиот весник во Казахстан кој ја воведе латиницата.
Се очекува дека училишните учебници во Казахстан од 2018 година ќе бидат печатени на нова казахстанска алфабета од 32 букви. Исто така, планот е до 2025 година сите книги, печатот и официјалните документи да преминат на новото писмо.