Barış Seçkin
20 Декември 2020•Ажурирај: 22 Декември 2020
МАЗАРА ДЕЛ ВАЛО
По 108 дена заложништво во Либија, групата италијански рибари денес се вратија во својата татковина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Милитантите предводени од пучистот Калифа Хафтар на први септември заробија и 108 дена во заложништво држеа 18 рибари, кои се ослободени на 17 декември откако во ненајавена посета во Бенгази престојуваа италијанскиот премиер, Џузепе Конте, и шефот на италијанската дипломатија, Луиџи Ди Мајо.
Групата од 18 рибари, вклучувајќи осуммина Италијанци и десетмина странски државјани, денес с бродовите „Анартида“ и „Мединеа“ впловија во пристаништето „Мазара дел Вало“ на Сицилија.
Рибарите во сицилијанското пристаниште ги дочекаа чамци на италијанската полиција и поморските стражи, а во нивна чест се собрани и пуштени и 18 бели гулаби.
Пред средбата со семејствата, кои ги чекаа на крајбрежјето, ослободените рибари поминаа тестирање на коронавирусот и од нив никој не беше позитивен.
Рибарите тврдат дека во Бенгази поминале повеќе од три тешки месеци заложништво и дека Хафтаровите милитанти исклучително насилнички се однесувале кон нив.
„Беше лошо. Нè држеа боси во темни простории. Злоупотребувани сме“, рече еден од рибарите по потекло од Тунис.
И капетанот на бродот „Мединеа“, Пиетно Мароне, рече дека е среќен што лошите денови се зад него и што се вратил во Италија.
Началникот на Општината Мазара дел Вало, Салваторе Куничи, рече дека Европската Унија (ЕУ) треба да договори нови и ефикасни модели за заштита на рибарите во Средоземното Море.
„Рибарството не може да се извршува под вакви услови. Нашата влада и ЕУ треба да седнат и да ни кажат дали ќе направиме нешто конкретно за безбедноста на рибарите или да ги повлекуваме чамците од морето“, порача Куничи.