Ekip
20 Декември 2020•Ажурирај: 21 Декември 2020
БЕРЛИН
По Холандија и Белгија, и официјален Берлин исто така најави можна забрана на авионските летови од Велика Британија, каде што е откриен мутиран облик на коронавирусот кој многу бргу се пренесува, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Неименуван висок функционер на германската Влада рече за Германската новинска агенција (DPA) дека Кабинетот ја разгледува забраната за летови од Велика Британија и дека тоа е сериозна опција.
Истиот извор јавува дека Германија како претседавач со Европската Унија (ЕУ) е во контакт со партнерите и дека внимателно ја следи состојбата.
За да го намали ризикот од доаѓањето на новиот вид на коронавирусот, Холандија од денес до крајот на оваа година ги забрани сите авионски летови кон Велика Британија.
Утрово тоа го направија и властите на Белгија. Премиерот на таа земја, Александер Де Кро, денес рече дека воведува итна мерка за 24-часовна забрана на летови и железнички линии од Велика Британија, а дека за понатамошните потези ќе одлучи во согласност со состојбата на теренот.
„Многу прашања има во врска со таа мутација на коронавирусот, вклучувајќи го прашањето дали тој веќе стигнал во внатрешноста на Европа“, рече белгискиот премиер.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, синоќа најави нови рестриктивни мерки во земјата и соопшти дека во Англија е забележан мутиран вид на коронавирусот, кој потенцијално е посмртоносен и кој до 70 отсто побрзо се пренесува од претходниот вид на коронавирусот.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека е во контакт со британските власти и дека внимателно го следи случајот на појава на мутираниот облик од коронавирусот, кој значително побрзо се шири во некои делови на Велика Британија.
„СЗО ќе ги извести сите 194 земји членки штом ќе има нови сознанија за карактеристиките на новиот вид на коронавирусот“, се наведува во соопштението.