Haydar Karaalp
10 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
БАГДАД (АА) - Ирачкото судство одлучи да ги ослободи сите активисти уапсени во земјата за време на антивладините демонстрации, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на ирачкиот Врховен судски совет се наведува дека по повикот на премиерот Мустафа ал Казими, на судовите им е наложено да ги ослободат сите демонстранти.
„Според член 38 од Уставот, правото на демонстрација е слободно, но не треба да биде во спротивност со законите“, се наведува во соопштението.
Премиерот Казими вчера во соопштението за медиумите, по првата седница на Владата со која претседаваше, рече дека ќе бидат казнети одговорните за убиството на активистите за време на уличните демонстрации што започнаа минатиот октомври.
Тој, исто така, изјави дека наредил соработка со судството за ослободување на сите уапсени демонстранти, освен на оние што се вмешани во убиства.
- Демонстрациите започнаа повторно -
Антивладините демонстрации што започнаа во Ирак минатиот октомври, во коишто се убиени десетици луѓе како резултат на интервенцијата на безбедносните сили, беа суспендирани поради појавата на новиот вид коронавирус, Ковид-19.
Демонстрациите започнаа повторно со образложение дека министрите во Владата на Казими, формирана пред 4 дена, се избрани врз основа на поделбата меѓу партиите, а не врз основа на заслугите.