Ahmed Asmar
27 Март 2024•Ажурирај: 28 Март 2024
АНКАРА (АА) - Бројот на загинати Палестинци во смртоносната офанзива на Израел во Појасот Газа од октомври минатата година досега достигна 32.490, соопшти денес Министерството за здравство на Газа, јавува Анадолу.
Најмалку 74.889 Палестинци се повредени во нападите, додаде Министерството.
„Во израелските напади во последните 24 часа загинаа 76 лица, а повредени се 102“, соопшти Министерството.
„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, беше нагласено.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври минатата година, во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.
Според Обединетите нации (ОН), израелската војна, која влезе во својот 173-ти ден, принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување и предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Во понеделникот Советот за безбедност на ОН донесе резолуција со која се бара итен прекин на огнот во Газа за време на исламскиот свет месец Рамазан.
Додека Хамас ја поздрави резолуцијата, Израел го отфрли повикот за прекин на огнот и порача дека ќе ја продолжи војната во палестинската енклава.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој во јануари донесе привремена одлука со која му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.