İbrahim Hamdi Hacıcaferoğlu
22 Мај 2025•Ажурирај: 23 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон ги загубија животите во вооружен напад во Вашингтон, главниот град на САД, известува Анадолу.
Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, во соопштението објавено на нејзиниот профил на платформата X наведе дека двајца вработени во амбасадата биле убиени во близина на Еврејскиот музеј во Вашингтон.
Наведувајќи дека инцидентот се истражува, Ноем во објавата вели: „Овој злобен сторител ќе го изведеме пред лицето на правдата.“
Директорот на Федералното истражно биро на САД (ФБИ), Кеш Пател, исто така, во објавата на X наведе дека пукањето се случило во близина на теренска канцеларија на ФБИ во Вашингтон.
Наведувајќи дека соработуваат со полицијата за да интервенираат во инцидентот, Пател најави дека ќе продолжат да ја информираат јавноста.
Американскиот претседател Доналд Трамп во објавата на својот профил на социјалната мрежа „Трут социјал“, во врска со вооружениот напад објави дека „омразата и радикализмот немаат место во Соединетите Американски Држави“, изразувајќи им сочувство на семејствата на оние што ги загубија животите во нападот.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, исто така, го осуди вооружениот напад на својот профил X, со зборовите: „Нашите молитви се со најблиските (на загинатите).“
Од друга страна, постојаниот претставник на Израел во Обединетите нации, Дени Данон, преку X тврдеше дека нападот е „антисемитски терористички чин“ и ги повика американските власти да преземат „силни“ мерки против одговорните за нападот.
Шефицата на Метрополитенската полиција на Вашингтон, Памела А. Смит, на прес-конференцијата го идентификуваше напаѓачот како 30-годишниот Елијас Родригез.
Смит наведе дека Родригез е приведен и дека извикувал „Слободна Палестина“ по приведувањето.
„Не гледаме ништо во неговото минато (на Родригез) што би го ставило на нашиот радар“, рече Смит, додавајќи дека работната група за борба против тероризмот соработува со ФБИ за темелно да го истражи осомничениот.
Помошник на директорот на теренската канцеларија на ФБИ во Вашингтон, Стив Џенсен, објави дека истрагата за нападот ќе испита „можни терористички врски“ и дали нападот бил мотивиран од „злосторство од омраза“.
Заменик-директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Ден Бонгино, изјави дека осомничениот сè уште го испрашува полицијата во Вашингтон и дека првичните наоди укажуваат дека нападот бил „насочен акт на насилство“.