Ekip
22 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
МОГАДИШУ
Десет лица загинаа во оружени судири во североисточна Сомалија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Оружените судири продолжуваат втор ден во пристанишниот град Босасо меѓу провладините безбедносни сили на полуавтономниот регион Пунтланд (ПСФ) и безбедносните сили на Пунтланд обучени во САД“, изјави за АА официјален претставник за безбедност кој сакаше да остане анонимен.
„Меѓу загинатите има три лица од исто семејство и еден верски научник“, рече официјалниот претставник, додавајќи дека уште 40 се повредени.
„Бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи некои од квартовите во градот беа погодени од минофрлачки гранати“, изјави извор од безбедносните сили.
Министерот за безбедност на Пунтланд, Абдисамад Мохамед Галан, денеска објави дека регионалната администрација е подготвена за прекин на огнот и дијалог.
„Бизнисите, пристаништата, летовите и јавниот превоз во Босас сè уште се суспендирани“, изјави за АА жителот Абдивахид Мухтар.
Верските научници и активисти повикаа на итен прекин на непријателствата.
ПСФ првично беа основани од САД како елитна шпионска група за борба против Ал Каеда.
Амбасадата на САД во Могадишу ги повика двете страни да најдат мирно решение за спорот.
Сомалија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза, а најголема безбедносна закана претставува терористичката организација Ал Шабаб.
Како дел од мисијата АМИСОМ во Сомалија, со одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации беа распоредени речиси 20.000 војници.