Ekip
18 Октомври 2020•Ажурирај: 19 Октомври 2020
КАБУЛ
Најмалку 20 лица се убиени во бомбашкиот напад што денес се случи во авганистанската провинција Гор, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на Министерството за внатрешни работи на Авганистан, Тарик Арјен, рече дека нападот е изведен со автомобил наполнет со експлозив, а експлозијата се случи во близина на зградата на Полициската дирекција и Канцеларијата за права на жените во Гор.
Тој рече дека во силната експлозија животот го загубиле најмалку 20, а ранети се повеќе од стотина лица. Во претходниот извештај наведено е дека на местото на експлозијата животот го загубиле 12 лица.
Меѓу ранетите има повеќе животно загрозени, па се стравува дека билансот на настрадани би можел додатно да се зголеми.
Досега никој не презел одговорност за нападот, а авганистанските власти го обвинуваат талибанското движење за нападот.
Челникот на Комисијата за човекови права, Шахаразад Акбар, најостро го осуди нападот и продолжувањето на насилството, кое го нарече стравично, неприфатливо и неисламско.
Авганистан е упориште на длабока повеќедецениска политичка и безбедносна криза која се одразува во борбата за превласт помеѓу талибанското движење и владините сили. Постојана безбедносна закана претставува и терористичката организација ДЕАШ, која по поразот во Ирак и Сирија значително ги интензивираше активностите на тлото на Авганистан.
Нападите во Авганистан не престануваат ни по почетокот на мировните преговори, што делегациите на талибанските бунтовници и авганистанската Влада ги започнаа кон средината на септември во катарската престолнина Доха. Главна цел на преговорите меѓу двете страни е завршување на речиси дводецениските вооружени судири во таа земја.