Sayed Khodaberdi Sadat
11 Октомври 2018•Ажурирај: 13 Октомври 2018
КАБУЛ (АА) - САЈЕД КОДАБЕРДИ САДАТ -
Претседателот на авганистанскиот Координативен центар за расчистување на мини, Мухамед Шахаб Хакими, истакна дека неексплодираните мини и бомби во Авганистан каде војната трае околу 40 години, продолжуваат да одземаат животи, и дека секој месец во просек животот го губат 180 лица поради мините и бомбите пронајдени низ земјата.
Хакими во разговорот со Anadolu Agency (AA) нагласи дека не се врши информирање околу земјиштето под мини. „Секој месец во просек животот го губат 180 лица поради мините и бомбите пронајдени на разни подрачја во Авганистан“, рече тој.
Според информациите добиени од авганистанскиот Координативен центар за расчистување на мини, поголемиот дел од лицата кои го губат својот живот како резултат на експлодирање на мините кои останале од граѓанската војна, се деца.
Авганистан се наоѓа на четвртото место меѓу земјите во кои неексплодираните мини и муниција претставуваат закана.
Авганистанскиот државен министер задолжен за справување со катастрофи, Наџиб Ака Фахим, истакна дека земјиште со површина од над 2.500 километри квадратни е исчистено од мини.
Фахим нагласи дека е намалена поддршката на странските институции кои работат на расчистување на мините, и дека во земјата сѐ уште постојат стотици илјади неексплодирани мини и бомби.
„Во последните 30 години, во различни места низ земјата се пронајдени и деактивирани 19 милиони неексплодирани мини и бомби“, додаде тој.
Заменик-претседателот на Советот на инвалиди на Авганистан, Бешир Дире, истакна дека во земјата постојат 1 милион инвалиди од експлодирани мини, бомби и како резултат на судирите во земјата.
Дире нагласи дека инвалидите се наоѓаат во лоша состојба, и дека властите не ги исполниле ветувањата дадени на инвалидите.