Gülşen Topçu
27 Август 2019•Ажурирај: 28 Август 2019
РИЈАД (АА) - Саудискиот престолонаследник, принцот Мухамед бин Салман, и пакистанскиот премиер, Имран Кан, разговараа за Кашмир, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според новинската агенција на Саудиска Арабија СПА, премиерот на Пакистан, Кан, имал телефонски разговор со принцот Салман.
За време на средбата се разговарало за развојот на настаните во регионот и за прашањето за Кашмир меѓу Пакистан и Индија.
Други детали околу телефонскиот разговор нема.
Премиерот на Индија, Нарендра Моди, кој ја претставува другата страна на прашањето за Кашмир, ги посети Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин во саботата и неделата.
Индија на 5 август го укина членот 370 од Уставот, кој му даваше привилегија на Џаму и Кашмир повеќе од половина век.
Од 1947 година, кога се стекна со независност од Велика Британија, Џаму и Кашмир беше во привилегирана позиција и можеше да носи свои закони. Овој посебен статус го вклучуваше и Законот за државјанство, кој не дозволуваше странците да се населат и да стекнуваат имот во регионот.
Во своите говори за време на изборната кампања, националистичката Влада на Индиската народна партија, предводена од Моди, вети дека ќе го укине специјалниот статус на Џаму и Кашмир и дека ќе стави крај на привилегираната позиција.
Во одлуките на Советот за безбедност на Обединетите нации (УНСК) донесени од 1948 година, се истакнува дека демилитаризацијата на Кашмир и неговата иднина треба да бидат утврдени со гласање на народот.
Индија не го поддржува гласањето на народот, а од друга страна, Пакистан сака да се спроведат решенијата на Обединетите нации.