Abdullah Aşıran
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
ДЕН ХАГ (AA) - Герт Вилдерс, лидерот на радикално десничарската и евроскептичната холанска Слободарска партија (PVV), изјави дека во Парламентот на Холандија и во кабинетот на холандската влада треба да бидат само Холанѓани, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето во државниот Парламент Вилдерс истакна дека во таа зграда повеќе не сака да ги гледа луѓето од странско потекло.
„Ова е холандски парламент. Тука треба да бидат Холанѓаните. Во парламентот не сакам Турци, Мароканци или Швеѓани. Зарем немам право тоа да го кажам? Ова е моја земја", рече Вилдерс.
Истакна и дека се спротивставува на тоа пратеници или министри во Холандија да поседуваат двојно државјанство.
Нагласи дека е потребно луѓето да чувствуваат лојалност кон една земја наместо кон две.
Оваа изјава на Вилсерс предизвика остри реакции на одредени пратеници во Парламентот.
Тунухан Кузу, лидер на партијата ДЕНК, којашто ја основаа Турците во таа земја, истакна дека уставот на земјата одредува кој е државјанин на Холандија, а не Вилдерс.
„Не одлучува Вилдерс кој е Холанѓанин, а кој не, туку уставот на земјата. Двојното државјанство ништо не треба да значи во врска со лојалноста на државата. Лојалноста на граѓанинот првенствено се мери според неговото однесување", рече Кузу.
Додаде дека и самиот Вилдерс би требал да ја преиспита лојалноста кон државата.
„Вилдерс во минатото беше повеќе во амбасадата на Израел, отколку во својата куќа", рече Кузу.
Во програмата на Слободарската партија бараат затворање на џамии во Холандија, забрана на Куран и укинување на дозволата за престој на мигрантите.
Слободарската партија, предводена од Вилдерс, на општите избори во март освои 20 места во парламентот и така стана втора најголема политичка партија во Холандија.