ГАЗА (АА) - НУР МАХД АЛИ АБУ АИША - Палестинските групи како Движењето Фатах, Хамас, движењето Исламски џихад, Палестинскиот национален ослободителен фронт, како и Организацијата за ослободување на Палестина, ја осудија изјавата на британската премиерка Тереза Меј, која изјави дека ќе ја одбележат 100-годишнината од Балфоровата декларација со којашто се предвидува да се формира израелска држава на територијата на Палестина, како и поради нејзиното одбивање да им се извини на Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
Движењето Фатах предводено од страна на претседателот на Палестина, Махмуд Абас, соопшти дека се противи на инсистирањето на британската премиерка Меј за одбележување на 100-годишнината од Балфоровата декларација.

„Британија повторно инсистира на криминал и директно ја поддржува и ја поттикнува окупацијата, со цел да продолжи со практиката на расна дискриминација против нашиот народ“, истакна во изјава за АА портпаролот на Фатах, а воедно и член на Советодавниот совет, Усаме ел-Кавасими.
Кавасими нагласи дека наместо Британија да ја слави големата катастрофа (Некбе) на која е изложен палестинскиот народ, треба да ја признае палестинската држава. Тој изјавите на Меј ги оцени како повторување на кривичното дело извршено против палестинскиот народ.
Тој упати апел до народите на арапските и на странските земји да реагираат на изјавите на Меј, и побара од Британија да ја признае палестинската држава. „Не само што треба да се извини, треба да се признае палестинската држава“, рече тој.
Исто така, портпаролот на Хамас, Хизим Касим, упати пораки на осуда за тоа што Меј одби да се извини во име на нејзината земја поради Балфоровата декларација.
Според него, изјавите на Меј се негирање на правата на Палестинците, кои останаа без покрив над главата и беа принудени да мигрираат поради Балфоровата декларација.
„Британија треба да му се извини на палестинскиот народ поради Балфоровата декларација, да ја прекине поддршката за израелската окупација и да застане на страна на палестинскиот народ“, вели Касим.
- „Британија е соучесник на Израел во криминал“
Ахмед ел-Муделел, еден од лидерите на движењето Исламски џихад, побара Британија која не му се извини на палестинскиот народ поради Балфоровата декларација, да биде осудена пред Меѓународниот кривичен суд за прекршување на правата на Палестинците.
„Палестинскиот народ сѐ уште е изложен на блокада, уништување и миграција, остана без покрив над глава и ги трпи последиците од еврејските населби, јудаизацијата и од војната предизвикана од Балфоровата декларација. Болките и понатаму продолжуваат. Британија е соучесник во криминалот на Израел против палестинскиот народ“, рече тој.
Членот на Генералниот комитет на Националниот ослободителен фронт на Палестина, и одговорен за медиумите, Хани eс-Севабите, изјавите на Меј ги опиша како „грда фалба“.
„Овие изјави не се некарактеристични за претставниците на една расистичка држава. Тие го откриваат вистинското лице и тврдењето за една лажна демократија, а со дадените изјави се продолжува историската грешка на Британија против палестинскиот народ“, нагласи Севабите.
Тој истакна дека Британија треба да му се извини на палестинскиот народ, укажувајќи на потребата за масовни протести против Балфоровата декларација, која ја опиша како зло.
Претседателот на Одделот за бегалци при Организацијата за ослободување на Палестина, Зекерија eл-Ага, истакна дека наместо Британија да ја слави годишнината од Балфоровата декларација, која го отвори патот за формирање израелска држава на палестинска територија, треба да му се извини на палестинскиот народ.
Ага пренесе дека ако Британија инсистира да се слави оваа годишнина и одбива да се извини, тогаш и палестинската страна ќе се спротивстави мобилизирајќи се на тој начин за Британија да се осуди во меѓународните судови.
Инаку, во изјава минатата среда, во Долниот дом на британскиот Парламент, Меј истакна дека ќе се слави 100-годишнината од Балфоровата декларација.
„Горди сме за улогата што ја имавме во формирањето на израелската држава, и секако, со гордост ќе ја славиме 100-годишнината од декларацијата“ рече таа.
- Балфорова декларација
Преку Балфоровата декларација, на 2 ноември 1917 година Обединетото Кралство стана првата голема земја што отворено го поддржа проектот којшто предвидуваше да се формира израелска „татковина“ на територијата на Палестина.
Писмото што тогашниот министер за надворешни работи на Британија, Артур Џејмс Балфор, на 2 ноември 1917 година го напиша до лорд Волтер Ротшилд, една од најзначајните фигури на ционистичката кампања, кое стана познато како „Балфорова декларација“, се смета за најзначајниот историски момент во насока на формирањето на израелската држава.
Во писмото, покрај поддршката понудена за основање на израелската држава, исто така се вети дека ќе се обезбеди да не се кршат правата на ниту еден народ присутен во регионот.