Bayram Altuğ
12 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
РОТЕРДАМ (АА) - Начинот на кој лидерот на радикално-десничарската Партија на слободата (PVV), Герт Вилдерс, со пораки на социјалната мрежа Твитер им даваше насоки за потезите на холандските власти, со кои синоќа е предизвикан голем дипломатски скандал, претставува јасен показател дека во Холандија веќе е доминантен расистичкот менталитет, иако до парламентарните избори во таа земја останаа уште неколку дена, јавува Anadolu Agency (AA).
Евроскептикот и радикалниот десничар Вилдерс вчера прво се потруди да се забрани влезот на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу во Холандија, а откако на авионот на Чавушоглу не му беше дозволено да слета, Вилдерс јавно кажа дека имал улога во таквата одлука на холандските власти.
„По огромниот притисок на Партијата на слободата, нашата влада, неколку дена пред изборите забрани слетување на турскиот министер во Холандија. На сите Турци кои се поддржувачи на Ердоган им порачувам да одат во Турција и никогаш да не се вратат“, се наведува во една од пораките на Вилдерс на социјалните мрежи.
Група граѓани со потекло од Турција синоќа се собраа во Ротердам за да протестираат против потегот на холандската влада, која ѝ забрани на турската министерка за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, да го посети турскиот конзулат во тој град, а Вилдерс за тоа објави низа пораки на Твитер. Се покажа дека токму тие пораки имаа големо влијание на потезите на локалните и државните власти на Холандија.
„Руте и Абуталеб, каде сте? Во Ротердам 500 Турци извикуваат Аллаху Екбер. Ова е наша земја, брзо исчистете го плоштадот“, порача Вилдерс во твит упатен до холандскиот премиер Марк Руте и градоначалникот на Ротердам Ахмед Абуталеб.
Лидерот на холандската радикална десница Вилдерс, во коментар за фотографија на Турчинка покриена со турско знаме в рака напиша дека тоа е резултат на политиката на десет години отворени граници, на миграција и нулта интеграција.
Објавувајќи и краток видео клип од протестите пред турскиот конзулат во Ротердам, Вилдерс напиша дека Турците воодушевени веат турски знамиња во Ротердам, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвинил Холандија за фашизам, и додаде дека тој призор е одвратен.
Набрзо по овие пораки на Вилдерс, холандските власти покажаа дека се на истиот став, што се потврди со интервенцијата на полицијата, која употреби сила да ги растера насобраните пред турскиот конзулат. Најмалку седум лица беа повредени при интервенција на полициски службеници на коњи.
Кога холандската полиција присилно ја врати турската министерка Каја на германската граница, Вилдерс продолжи со твитовите, а во една од тие пораки на турската министерка ѝ порача да си оди заедно со сите свои турски поддржувачи и веќе да не се враќа.
За таа порака на Вилдерс остро реагираше портпаролот на Претседателството на Република Турција, Ибрахим Калин, кој порача дека тоа е најјасен доказ дека холандската влада му се предала на менталитетот на антиисламската и расистичко-фашистичка партија.
Парламентарните избори во Холандија ќе се одржат на 15. март оваа година, а аналитичарите сметаат дека победникот на изборите може да биде Партијата на слободата на Вилдерс.
Холандските власти вчера го спречија министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерката за семејство и социјална политика Каја, да ги посетат своите дипломатски претставништва на таа земја и можноста да се сретнат со турската заедница во Холандија. Со полициска придружба, министерката Каја беше вратена во Германија, од каде што утрово пристигна во Турција.
Турското Министерство за надворешни работи го осуди актот на спречување на посетата и од амбасадорот на Холандија во таа земја, кој моментално е на одмор, побара извесен период да не се враќа на својата должност во Анкара. Забранет е влез и излез од амбасадата во Анкара и конзулатот во Истанбул поради безбедносни причини.